Франција нема да и испорача оружје на Украина за борба против проруските сили во источниот дел на земјата, изјави денеска францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дријан.
– Не планираме да и испратиме оружје на Украина, во овој момент. Сметаме дека е потребно да се најде политичко решение за кризата, истакна Ле Дријан.
Неговата изјава е одговор на информациите дека САД ја разгледуваат можноста за вооружување на украинската војска.
Украинскиот претседател Петро Порошенко вчера нагласи дека нема сомнеж дека САД ќе и испратат оружје на Украина во борбата против сепаратистите, бидејќи Вашингтон најавил оти е можеби подготвен на таков ризичен потег.
– Не се сомневам дека одлуката за можна испорака на оружје за Украина ќе биде одобрена од страна на САД и другите наши партнери. Ние мора да имаме средства да се браниме, истакна Порошенко.