Две години од опожарувањето на Трескавец

Од:

Денеска се навршуваат две години откако во големата огнена стихија до темел изгореа конаците на манастирот „Успение на Богородица“ Трескавец кај Прилеп.

По тој повод од „Завод и музеј“ – Прилеп денеска ќе информираат до каде е основниот проект за обнова на манастирските конаци.

Според Гордана Данилоска Спироска, директор на прилепскиот Музеј, на основниот проект за конаците се работи околу една година.

– Проектот се доработува според последните корекции и насоки од Националниот конзерваторски центар од Скопје. Моментално е на доработка кај нас, во Музејот и до 10 февруари треба да биде испратен во НКЦ. Станува збор за проектот само за дел од западниот и северниот конак. Основниот проект за дел од источниот конак на Трескавец и за параклисот, кој за првпат е проектиран и ќе биде на јужната страна, треба да биде готов до 30 март и да се испрати во Националниот конзерваторски центар, вели Данилоска Спироска.

Таа информира дека во тек е изработка на проектот за Црквата, трпезаријата, магерницата и магерничкиот конак, како и за камбанаријата.

– Откако ќе заврши основниот проект за конаците и ќе го одобри националниот конзерваторски центар ќе биде распишан тендер за избор на изведувач, а тоа се очекува во мај годинава, објанува Данилоска Спироска.

Лани Министерството за култура одобри 15 милиони денари за проектот за обновата на конаците.

Во пожарот што ги зафати конаците на 4 февруари 2013 година тие изгореа до темел. Истрагата за причините за катастрофалниот пожар траеше една година. По три вештачења со истражната постапка во Основниот суд во Прилеп се потврди дека пожарот избувнал во гостинската соба број шест од искри од огништето, односно ќумбето во просторијата. Основното јавно обвинителство го затвори случајот зашто човечкиот фактор не бил причина за пожарот, туку искрата што тлеела 20 –ина часа.

Владата, институции, граѓани и асоцијации веднаш по пожарот се вклучија во акцијата за донирање и обнова на манастирските конаци. Направен е патот до манастирот во должина од седум и пол километри. Изградбата ја финансираше Министерството за транспорт и врски и патот беше пуштен во употреба на празникот на манастирот – голема Богородица на 28 август 2013. Во летото лани се завршени археолошки истражувања на манастирскиот комплекс кои, според археологот Бранко Ристески донесоа неколку откритија потврдувајќи го огромното значење на Трескавец.

Според Ристески откриени се остатоци од античката населба Колобаиса, остатоци од ранохристијанска црква од 5 и 6 век, констатирани се фазите на развој на средновековниот манастир, разјаснета е историјата на Манастирот од отоманскиот период и релациите со современиот Прилеп, со што Трескавец се открива како повеќеслоевит комплекс.

Манастирот Трескавец е светски познат споменик на културата. Се извишува на околу 1.400 метри надморска височина. Црквата „Успение на пресвета Богородица“ има фрескоживопис од 12 и 13 век. Перманентно го посетуваат верниците, домашни и странски туристи.

Според пресметките на надлежните, од Завод и музеј и локалните власти, обновата на конаците на Трескавец ќе чини 77 милиони денари.

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Археолошките истражувања на Трескавец го потврдуваат милениумското светилиште и како урбана населба

ВИДЕО: Спасени се две туристки од Полска кои паднале во пресек од карпа над провлија кај „Трескавец“

Мариово и Трескавец меѓу петте финалисти за најдобра европска филмска локација

Жарко Настоски

Манастирот Трескавец се обновува според предвидената динамика

Ана Ололовска

Се бараат доброволци за гаснење на пожарот кај Трескавец

Наум Локоски

ЦУК: Повторно е активен пожарот во близина на Трескавец

Наум Локоски