Номинираниот од претседателот Барак Обама американски министер за одбрана Ештон Картер изјави дека ќе ги преразгледа плановите за целосно повлекување на американските сили од Авганистан до крајот на следната година, ако условите во земјата се влошат.
Таквиот став Картер го изнесува во писмен одговор содржан на 91 страница на вкупно 328 прашања, поставени од американските сенатори. Тој ќе се јави на сослушување пред сенаторска комисија за вооружените сили во среда.
Во однос на ситуацијата во Авганистан, тој нагласува дека е запознаен со опасноста борци на Исламска држава да навлезат во Авганистан по повлекувањето на американските сили, додавајќи дека САД ќе работат со коалициските партнери за такво нешто да не се случи.
Картер, исто така, предупредува дека ривалството меѓу ИД и Ал Каеда може да ја зголеми заканата за САД и западните интереси, бидејќи секоја од групите ќе планира се поголеми напади во странство со цел да ја зајакне довербата во себе.