Нови ковани пари за колекционерски цели со водолија и риби од НБРМ

Од:

Народната банка на Република Македонија пушти во оптек ковани пари за колекционерски цели со хороскопскиот знак „Водолија” и „Риби”.

На кованата пара „Водолија“ на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите што го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем кои, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон).

По должината на периметарот се прикажани натписите: „Република Македонија” и „10 денари” на македонски јазик, како и годината на издавање „2015” и ознаката „Аg925”.

На левата страна на реверсот е прикажан портрет на Водолија како носи стомна со вода на рамото. Водата се истура од стомната и го опкружува вметнатото кружно кобалтно стакленце на кое е отпечатено соѕвездието на хороскопскиот знак Водолија.

На долниот дел, по должината на периметарот, е претставен симболот на хороскопскиот знак Водолија отпечатен на стомна, како и името на овој знак на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги и симболот на Водолијата, а делумно и косата и брановите од водата) се насликани со злато.

На кованата пара „Риби” на аверсот е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце). На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем кои, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите „Република Македонија” и „10 денари” на македонски јазик, како и годината на издавање „2015” и ознаката „Аg925”.

На левата страна на реверсот е прикажана слика на двете риби што пливаат во спротивна насока. На десната страна е претставен украс составен од водни лилјани што го опкружуваат вметнатото кобалтно стакленце на што е насликано соѕвездието на хороскопскиот знак Риби. На долниот дел, по должината на периметарот, е претставено името на хороскопскиот знак Риби на латински јазик и симболот на хороскопскиот знак Риби отпечатен на лист од воден лилјан. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги перките и крлушките, симболот на Риби и центарот на цветот) се насликани со злато.

Кованите пари се изработени од сребро Аg925, со тежина на среброто од 21 грам чистота на среброто 19,43 грама во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованите пари изнесува 2.700 денари.

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка