Ципрас положи заклетва како нов премиер на Грција

Од:

Лидерот на Сириза Алексис Ципрас денеска положи заклетва како нов премиер на Грција, неколку часа откако беше објавено дека ќе биде формирана коалициска влада со десничарската партија Независни Грци.

Ципрас се заколна дека ќе го почитува Уставот и законите на земјата и оти ќе им служи на интересите на грчкиот народ, јави дописникот на МИА од Атина.

Церемонијата се одржа во претседателската палата во Атина во присуство на шефот на државата Каролос Папуљас, кој раководеше со положувањето на заклетвата.

Ципрас е атеист, па денешната церемонија беше отстапка од традицијата според која премиерот обично се колне пред поглаварот на Грчката православна црква.

По положувањето на заклетвата претседателот и премиерот потпишаа документ за процедурата и уште еден документ со кој Ципрас доби мандат за формирање влада.

Потоа Ципрас замина за атинскиот кварт Кесариани, каде пропратен со аплауз на граѓани положи цвеќе пред споменикот на 200 грчки комунисти, кои биле стрелани од страна на германските фашисти во 1944 година Споменикот е симбол на националниот отпор на Грција пред нацистите во годините на Втората светска војна.

Ципрас попладнево ќе замине и во официјалната резиденција на премиерот, каде што ќе се одржи формална церемонија за предавање на функцијата од досегашниот премиер и лидер на второпласираната Нова демократија Андонис Самарас.

Би можело да ве интересира

Сè додека трае оваа ситуација нема да ги ратификуваме меморандумите, повторно порака од Грција

Катерина Ѓуровски

Грчкиот Ејџијан Ерлајс ја прекина продажбата на билети за сезонската авиолинија меѓу Скопје и Крф

Катерина Ѓуровски

Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до договорот за промена на името

Орце Костов

Договорот од Преспа не се менува и не се ревидира еднострано, нова порака од Грција

Во Грција е уапсен државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие

Герапетритис: Граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција