Повеќе од 200 борци, претежно бунтовници, загинаа во недела во тек на судирот помеѓу војската на Нигерија и исламските екстремисти кои го нападнаа Мајдугури, местото каде што е формирана организацијата „Боко Харем“.
Војската наведе дека нападот на екстремистите е одбиен и дека бунтовниците ги засилуваат нападите на градот Мондуно, кој се наоѓа на околу 140 километри од Мајдугури.
Според наводи на очевидци, екстремистите покрај тоа што продолжиле да ги напаѓаат селата, да ограбуваат и палат куќи, грабнале и десетина жени и деца.
Државниот секретар на САД, Џон Кери во недела го посети Лагос со цел да повика на мирно одржување на изборите на 14-ти февруари во Нигерија.
-Ова ќе бидат најголемите демократски избори на континентот. Многу е важно да се одржат мирно и да бидат кредибилни и транспарентни- рече Кери, кој одделно се сретна со претседателот на Нигерија, Гудлак Џонатан и неговиот главен противкандидат на изборите, Мухамад Бухари.
Кери и покрај нивните уверувања дека изборите ќе поминат без насилство, ги предупреди соговорниците дека на секој кој што ќе биде одговорен за постизборно насилство ќе му биде забранет влез во САД, каде што живеат милиони Нигеријци, а од друга страна вети дека државата ќе помогне во борба против Боко Харем, доколку изборите поминат мирно и во демократска атмосфера.
Е. Г.