Премиерот Никола Груевски препорачува дека велосипедистите можат и да ги кренат во раце велосипедите во оние делови од патеката на кејот која не може да се користи неколку години поради изградба на проектот „Скопје 2014“.
– Е па ајде нека не се гради, да застанеме и да не се гради. Кога се спортува не е лошо да се крене точакот и тоа е вежбање, не е само возењето.
Колку пати ти вежбаш неделно, го праша премиерот водителот на емисијата „Јади бурек“.
– Секој ден по 40 минути…
– Браво. И јас исто. Јас трчам на трака, зимно време, обично 5 до 6 дена во неделата, возам на точак статичен и нешто на справа мултифункционална, фудбал еднаш неделно, ама ова ме извади од колосек повредата на ногата, сега постепено треба да се вратам на фудбалот, рече Груевски.
– Доцна се сетив, ти цел живот тоа го правиш и во добра форма си, добра препорака е спорт рекреација, здрава храна, кампањата, одговори водителот.
– Кревањето на точакот не е лошо и пренесување на другиот дел на патеката ќе помогне на другите делови, рече Груевски.
Водителот укажа дека препорака е да не се крева ништо потешко од сопственото тело, на што Груевски одговори:
– Не знам таа препорака, од кај да ја знам.