Друштвото на писателите на Македонија во соработка со издавачките куќи од идната недела ќе организира Денови на македонските издавачи во ДПМ, во рамки на проектот за презентирање и афирмација на литературата.
– Планирано е во наредниот период во Домот на македонските писатели, на одделни средби со публиката, 27 издавачи да ги претстават своите планови и изданија преку едициите, авторите и нивните дела, соопшти ДПМ.
Друштвото наведува дека овој проект е и можност за изнаоѓање нови форми на афирмација на дејноста на издавачките куќи, кои во просториите на македонската писателска асоцијација ќе имаат јавна трибина за постигањата и за проблемите во своето работење.