Златко Јакимовски, студент во трета година на Правниот факултет „Јустинијан Први“, до Обвинителството во Струга поднесе кривична пријава против непознати сторители за убивање, мачење и за нанесување непотребни болки на животни на Вевчанскиот карневал, кој се одржа во периодот од 10 до 15 јануари годинава, јави „Академик“.
– Оваа кривична пријава ја поднесов како граѓанин, но, пред сè, како човек кој од својата најрана возраст е посветен на кинологијата, наука што се занимава со изучување на кучињата. Ова дејство е казниво во согласност со македонскиот Кривичен законик, според член 233, именуван „мачење животни“. Со интенција ја поднесов неколку дена по случувањето бидејќи мислев дека со пријава ќе реагираат, пред сè, надлежните органи сами или, пак, некое од многубројните здруженија за заштита на животни. Но, бидејќи изостана каков било акт од нивна страна, се чувствував морално должен да дадам предлог до ОЈО Струга да поведе соодветна постапка – изјавил Јакимовски.
Тој истакнува дека го почитува како традиција најстариот карневал во нашата држава, но истовремено оценува дека изведбите на неколкуте учесници, освен што се невкусни, неморални, нечовечки, се и казниви во согласност со македонското позитивно казнено право.
– Сакам да верувам дека овојпат нема да недостига навремена реакција и дека нема да биде уште еден неуспешен обид на патот до правдата – вели Јакимовски.
За случувањата на Вевчанскиот карневал реагираше и Федерацијата на европски карневалски градови. Оттаму стигна соопштение дека ќе го ревидираат ставот кон карневалот во Вевчани.