По вчерашната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, дека е многу веројатно лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун да присуствува на прославата на 70-та годишнина од победата над фашизмот, денеска реагираше кабинетот на јужнокорејската претседателка Парк Гуен-хе со став дека е можно и двајцата лидери на поделениот полуостров да бидат во исто време во Москва.
Во новогодишните пораки до нациите, лидерите на двете држави нагласија дека „во вистинско време и на вистинско место“ можно е да се оствари средба маѓу Ким и Парк.
Денешното соопштение од Сеул е прво јавно искажување за можна средба, иако со биран дипломатски речник, претседателката Парк соопшти дека опцијата за престој во Москва во мај внимателно се проучува.
Шефот на севернокорејанската држава Ким, поради тригодишната жалост по смртта на неговиот татко не патуваше никаде вон Северна Кореја, а периодот за жалост заврши во декември минатата година.