Ал Џезира Балкан – Сараево
Џамиите, црквите и синагогите, како симбол на различни заедници во градовите на Босна и Херцеговина често се први на удар кога поединци или групи ќе се одлучат да ја истурат својата омраза, обично со каменување, кршење, кражби или со пишување на навредливи пораки на овие објекти.
Дури 46 напади на верски објекти и службеници се забележани минатата година, повеќето во средини каде одредената верска заедница е малцинство, иако тој број веројатно е поголем, бидејќи некои случаи не се пријавуваат, објави неодамна Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина.
Најмногу такви инциденти во периодот на следењето на нападите од ноември 2013 до октомври 2104 година се случија во Зворник, осум инциденти, потоа во Бањалука седум, па во Лопаре и Сараево по пет.
Објекти на Исламската заедница во Босна и Херцеговина нападнати се 21 пат, 14 напади се забележани на објекти на Српската православна црква, 12 на објекти на Католичката црква, еден напад на објект на Еврејската заедница, како и еден напад на објект на Христијанско адвентистичката црква.
– Меѓутоа, иако бројот на нападите е голем, состојбата на теренот се менува и би рекол дека е подобра – тврди Емир Ковачевиќ, извршен секретар на Меѓурелигискиот совет на БиХ. За оптимизам има причини, бидејќи како што вели, локалнмите и верските заедници се повеќе ги осудуваат тие напади, вршителите почесто се приведуваат, додека бројот на сквернавење на објектите е помал.
Тој додава дека овој совет со време го развил системот на пријави, поради кој можеше да дојде до зголемени забележани инциденти, а како што вели, на интензивирање на нападите веројатно влијаела и предизборната кампања, Светското првенство во фудбал и други спортски настани.
Така во септември, по финалниот натпревар на Светското првенство во кошарка, кој Србија го изгуби од репрезентацијата на САД, група навивачи ја нападнаа Чаршиската џамија во Приједор.
Извинување од родител
– Таа група хулигани навивачи поминуваше низ градот и едно момче ја прескокна оградата, протрча низ харемот на Чаршиската џамија и го скрши прозорот. Тоа се е снимено, бидејќи имамот излегол на терасата и го снимал со телефон – вели Хусеин еф. Велиќ, главен имам на Меџлиса на ИЗ во Приједор.
Поради нападот на приједорската џамија, полицијата го приведе 20 годишниот, а неговиот татко по еден дена дојде во Меџлис да се извини поради постапката на својот син. – Секако, извинувањето на таткото го прифативме, тоа беше толку фино од него, но ова момче е полнолетно, личност за себе и мора да ја преземе одговорноста и да одговара за своите дела – вели Велиќ.
Додава дека полицијата ги известила дека момчето е казнето со четири месеци затвор, но казната променета во година дена е условна, бидејќи пред тоа не бил казнуван. – Ова е првпат напаѓачот да биде фатен, додека изминатите години се случуваше да ни ги скршат прозорците и други инциденти, но луѓето не се пронајдени. Меѓутоа, ова сега беше најстрашно, затоа што тука имаше маса луѓе.
Напади на објекти на СПЦ лани беа забележани и во Тузланскиот кантон, а најсвеж пример е каменувањето на православниот храм Симнувањето на Светиот Дух во Подгајево кај Живиница, кое се случи кон крајот на декември.
Парохот живиничко-подгајевскиот јереј Милош Тришиќ вели дека во текот на нападите била оштетена фасадата и прозорците скршени, но тврди дека не добиле никаква информација од полицијата кој го направил тоа, а се сомнева и дека ќе добие.
– Никаков однос немаме со општина Живиница, ниту тие сакаат да ни одговорат на нашите дописи и молби за помош, а воопшто не го ни осудија тој напад, ниту пак ни се јавија – вели тој.
Оштетени фрески стари 115 години
Од друга страна, додава тој дека во Тузла имаат добри односи со градските и комуналните власти и колегите од исламската, католичката и еврејската заедница, кои ги осудуваат таквите напади.
– На пример, ефендија Менсур Хусиќ и напиша на општина Тузла да ни го решат осветлувањето кај Црквата на Св. Ѓорѓија на Трновац, бидејќи таа е на гробиштата, што е поволно за собирање на наркомани и други криминалци.
Оваа православна црква, која е под заштита на државата, беше два пати на удар на крадци минатата година. Украден е кровот, поради што во текот на мајските поплави беа оштетени фрески кои се стари 115 години, со што дојде до сквернавење на објектот, иако се работи за кражба. Полицијата тогаш ништо не презема – вели Тришиќ.
Тој додава дека кражба се повторила повторно во август, а потоа се обратил на министерот за внатрешни работи, а крадците биле фатени по два дена.
И објекти на Католичката црква во Љубија кај Приједор лани биле два пати обиени, за Нова година и на 12 јануари, додека траела народна света миса.
– Полицијата ги најде двајцата криминалци, кои се процесуирани и против нив сеуште се води постапка. Еден од нив веќе е во затвор поради други кражби – објаснува жупникот Илија Пиличиќ. Вели дека тешко е да се докаже кој бил нивниот мотив, верска омраза или само кражба.
– Се работи за група млади луѓе; тие пред тоа обиле повеќе муслимански и католички куќи и нападнале и некои луѓе, а сега нека се заклучи дали тоа бил напад од омраза или не – додава тој.
Тврди дека лично слушнал дека некој од нив зборувал дека и него ќе му наштети и тоа го пријавил во полиција. – Јас дојдов минатата зима, го менувам колегата, а кај него таа иста група криминалци пет пати обиле во тек на една година. Тешко е сите тие да се идентификуваат, тука има и малолетници и постари, кои ги поттикнуваат и наговараат.
Напад на симболи на заедници
Ковачевиќ истакнува дека сквернавењето на верските објекти, посебно на малцинските заедници во одредено место е многу негативна порака, бидејќи тие се доживуваат како симбол на одредена популација.
– Нападот на верски објекти е напад на таа заедница и ако не постои соодветен одговор на таквата порака, тука остануваат негативни последици. Напаѓачот го добива тоа што го сака.
Како позитивен пример ја наведе реакцијата на нападот на Атик џамијата во Бијелина лани, бидејќи следниот ден началникот на општината ја посети џамијата, општинскиот совет едногласно го осуди нападот, а општина Бијелина бараше воведување на видео надзор.
Тој додава дека, кога Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина почнал за прв пат да ги следи нападите од 2010 година, забележале дека нападите на верските објекти се квалификуваат како прекршоци.
– Против верската омраза не може да се бориме со парични казни. Меѓутоа, состојбата се подобри и сега веќе имаме кривични пријави.
– Исто така, ако имате група млади кои пред верски објект по полноќ скандира навредливи пароли полни со омраза, не може да се зборува за материјална штета, но очигледно е дека тоа е верска омраза – предупреди тој и додаде дека и тоа мора да се третира како кривично дело за предизвикување на верска омраза.