Претставникот на политичкото раководство на шиитските милиции, Хутите во Јемен, Мохамед ал Бухати изјави дека предлогот на јеменскиот претседател Абдрабух Мансур Хади за решавање на политичката криза е прифатлив, бидејќи со него се почитуваат условите по потпишувањето на спогодбата за поделба на власта во септември, јави ТАСС.
Ал Бухати изјави дека доколку властите се придржуваат кон тоа што беше договорено вчера меѓу претседателот и милициите, за три дена шиитските борци ќе ја напуштат територијата која ја зазедоа околу претседателката палата во Сана и ќе го ослободат шефот на претседателскиот кабинет, Ахмед Авад бен Мубарак.
Тој истакна дека согласно договореното се предвидува учество на претставници на шиитските милиции на Хутите и другите сили во политичкиот живот на земјата.
Во изјавата на Хади се потврдува дека проектот за новиот устав ќе биде изменет. Хутите не се согласуваат со една од одредбите во новиот устав, според која Јемен ќе се претвори во федерална држава со шест региони.
Во пристанишниот град Аден беше обновен воздушниот, копнениот и поморскиот сообраќај, кој вчера веше прекинат поради судирите во Сана изминатите денови.