Четири лица казнети за логистичка поддршка на терористите од Париз

Од:

Француски суд на четири лица им е изречена привремена мерка затвор под обвинение за логистичка поддршка на терористите од Париз, поточно на убиецот на полицајката во Монтруж и на купувачите во продавницата за кошер во Порт де Вансан, Амеди Кулибали, јави дописникот на МИА од Париз.

Тие засега се обвинети за логистичка поддршка, но се уште не формално и за „соучество“. Тие се обвинети за „здружување во криминална терористичка група со цел да извршат злосторства“. Еден од нив е обвинет и за „поседување и носење или транспорт на оружје“, но ниту еден, барем засега, не се товари за соучество во убиствата.

– Сите обвинети го познавале Амеди Кулибали, бидејќи или растеле во ист кварт или учествувале во ист вид на деликвенција или се сретнале в затвор, објасни обвинителот на Париз, Франсоа Молан.

Според весникот „Паризиен“, истражните органи докажале дека еден од казнетите, Вили П., кој бил пријател од детството на Кулибали, е сопственик на мотоциклот чии клучеви беа пронајдени на телото на убиениот терорист во Порт де Вансан. Според обвинителот, овој мотоцикл се уште не е пронајден.

Истражните органи пронашле лична карта на мајката на Вили П., во коверт во автомобилот „Рено Меган“ со кој Кулибали се довезол до Порт де Вансен, каде уби четири лица пред да биде убиен од специјалците.

Во истрагата веќе има 25 тома на документи, кои содржат над 4.000 записници и 2.000 судски докази кои се испитани или се во тек на испитување. Меѓу нив се и телефонските разговори со Микаел А., кој разменил 362 СМС пораки и 13 телефонски јавувања со Кулибали. Вечерта пред нападот врз сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ на 6 јануари, тие размениле 18 телефонски повици, додека на 5 јануари поминале најмалку пет часа заедно, односно нивните мобилни телефони биле забележани на исто место.

Генетски остатоци на Микаел А. биле пронајдени на пиштолот „Токарев“, кој бил најден во станот на Амеди Кулибали во Жантили. Микаел А/ бил осудуван три пати во 2009 и 2011 за трговија со наркотици и се сретнал со Кулибали в затвор, кога тој бил осуден на четири години затвор, од каде излезе во 2013 година.

Додека тројцата други, Вили П., Крстоф Р. и Тонино Г. отшле три или четири пати во продавниците за оружје во Париз и регионот за да купат заштитни елеци, нож и повеќе бомби со солзавец, од кои дел биле чуван во домот на Кристоф Р.

Истражните судии ги отфрлиле забелешките на адвокатите на обвинетите дека нивните клинети „не биле во тек со терористичките планови на Амеди Кулибали“, бидејќи, според јавниот обвинител, имале доволно елементи за да го оправдаат изрекувањето на мерката притвор.

Истрагата се проширува и во соседните земји, откако истражните органи се уште ја испитуваат видео снимката на Кулибали, објавена на интернет два дена по неговата смрт, како и за неговото патување во Шпанија.

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата