Лидерот на шиитските Хути бунтовници во Јемен Абдел Малек ал Хути ги обвини денеска претседателот Абдрабух Мансур Хади и домашните политичари, за раширувањето на Ал Каеда низ сите делови на земјата,како и за корупција и тиранија.
Ал Хути тврди дека Јемен се наоѓа во „критична ситуација„ и порача дека бунтовничките сили нема да се повлечат од главниот град Сана се додека не се постигне согласност за влада на национално единство.
Изјавата на бунтовничкиот лидер доаѓа по опсадата што Хутите ја спроведоа врз претседателската палата во Сана откако претходно ја бомбардираа и резиденцијата на претседателот. Претставник на јеменската влада потврди дека претседателот Хади бил во палатата за време на нападите,но инсистира дека тој „е безбеден„.
Бунтовниците подоцна упаднаа и во претседателскиот комплекс,но во Сана се тврди дека тие, сепак немаат целосна контрола врз претседателската палата.
Советот за безбедност на ОН во Њујорк на итна седница го осуди нападот на бунтовниците и му даде целосна поддршка на Хади, барајќи од сите страни воздржаност и прекин на непријателствата. Во текот на вчерашниот ден постигната е согласност за прекин на огнот,но ситуацијата во земјата останува крајно напрегната и сосема е неизвесно како понатаму ќе се развиваат работите.
Шиитските Хути бараат поголема автономија за северниот дел од Јемен.
Тие се огранок на шиитскиот ислам, познат како Заидизам и војуваат уште од 2004 година,барајќи поголема автономија за северната провинција Саада која е населена со Хусите. Ваквото политичко барање го истакнаа во 2011 година,кога успеаја да го присилат дотогашниот долгогодишен претседател,Али Абдулах Салех да се повлече од функцијата.
Во јули минатата година, шиитските бунтовници им нанесоа пораз на племенските групи и милиции на водечката јеменска сунитска партија,а војуваа успешно и со џихадистите од Ал Каеда на Арапскиот Полуостров кои им се закануваат дека ќе ја уништат шиитската заедница. Тоа им помогна за да се отвори патот до Сана од каде бунтовниците порачуваат дека нема да си одат додека Јемен не добие влада каква што тие сакаат.
Во Сана се вели дека бунтовниците се надеваат да го обноват Заиди имаматот кој постоеше во северен Јемен илјада години,се до 1962 година.
Јемен важи за главниот сојузник на САД во борбата против Ал Каеда во оваа држава.