Груевски ја направи Македонија дивјачка како што е Исламската држава, рече пред насобраните демонстранти пред владата Зоран Димитровски, уредник во Фокус.
„Тоа утро кога го уапсија Кежаровски, ми се јави трубадур на власта да ми каже дека уапсиле новинар. Се смееше, сеиреше, а знаеше оти е во прашање новинар од весникот каде бев главен уредник. Таков е нивниот табиет, драги колеги. Нелуѓе се тие“ кажа Димитровски.
– Се смеат и ликуваат на туѓата несреќа. Затвораат новинари, апсат политички неистомисленици, пиштат семејства, понижуваат професори, интелектуалци, земјоделци и студенти што не сакаат да играат по нивната музика – и потоа слават. Исти се како оние дивјаци од Исламска држава се! Во името на нацијата сечат умни глави, кастрат медиуми, лустрираат, затвораат слободумни луѓе и пеат. Багра. Багра се тие. Во име на нацијата од Македонија изградија монструм! Првиот балкански калифати во Европа! Кој не им чини – сатарот!, Кој не игра по нивно – апс!
Видовме досега и лисици и зандани, видовме затворени весници и телевизии, медиумски газди во апс, новинари на улица, понижени и посрамени. Сакаат фамилиите да ни ги затворат, семето на слободата да ни го сотрат, вампирски крвта да ни ја испијат! Ѕверови се тие! Ама тука сме да не им го дозволиме тоа! Не дојдовме овде да бараме милост. Му пресудија на Кежаровски две години зандана, а побараа да им речеме фала што сте толку милостиви, да му целиваме рака нна пастирот. Да ја славиме неговата добродетел! Демек, Мајка Тереза бил тој? Син на мајка! Маската одамна му е симната еве каков е! На кого да му целиваме рака? На овој неранимајко што не цензурира, катаден не казнува, не понижува, ни куси од лебот, од хонорарите, од правдата од слободата, не апси и ни се заканува, рече Димитровски, пред Владата на протестот за ослободување на новинарот Кежаровски.
Томислав Кежаровски за објавен текст во 2013 година доби затворска казна од 4,5 години, а потоа Апелација му ја намали на две години, по што експресно во петокот беше пренесен во затворот во Шутка, од каде утрово беше привремено ослободен.