Во главниот град на Јемен Сана денеска стапи во сила прекинот на огнот, со што се стави крај на повеќе часовната борба меѓу шиитските бунтовници и владините сили во близина на претседателската палата и другите делови на градот, изјави анонимен јеменски функционер, јави Танјуг.
Примирјето е договорено на состанокот на претставниците на бунтовниците и министерите за одбрана и за внатрешни работи.
Жителите, кои живеат во околината на претседателската палата изјавија дека пукотниците престанале.
Претходно шиитските бунтовници соопштија дека ја презеле контролата врз една воена база на брдо над претседателската палата во Сана.
Претставникот на бунтовниците Хуса Али ал Букаити објави на својот профил на Фејсбук дека шиитските борци “во моментов ја контролираат планината Нахдаин, над претседателскиот комплекс“.
Претседателската гарда е распоредена околу комплексот и на тоа брдо во јужниот дел на градот, иако претседателот Абд Рабо Мансур Хади во моментот не е во палатата, туку во резиденцијата во западниот дел на Сана.
Претходно медиумите јавија дека во судирите меѓу владините сили и бунтовниците загинале две лица, а 14 се ранети.
Припадниците на шиитските бунтовници Хуса отвориле оган кон конвојот возила, во кој се наоѓал премиерот Халид Махфуза Бахах, но тој не е повреден, изјави јеменската минисерска за информации Надиа ал Сахаф.
Таа исто така изјави дека се заземени зградите на државната телевизија и националната новинска агенција САБА.
Ситуацијата во Јемен се влоши, откако во саботата непознати напаѓачи го киднапираа шефот на претседателскиот кабинет, Ахмад Авад Бин Мубарак.