Апелациониот суд, по лавината реакции и револт за пресудата за новинарот Томислав Кежаровски од 2 години казна затвор, се огласи со соопштение, објавено на нивната веб страна.
Еве што стои во соопштението:
Апелациониот суд Скопје во однос на реакциите на новинарските здруженија и најавите за протест како и причините за протестот, ја информира јавноста дека во врска со жалбите за предметот со КОК 51/13 во јавноста познат како „Ликвидација“, Апелациониот суд постапуваше согласно Уставот и Законите исто како и по секој друг предмет во жалбена постапка. При донесување на одлуката во целост ги имаше во предвид жалбените наводи на сите обвинети лица, како и по службена должност ги ценеше сите законски основи поради кои може да се преиспитува одлуката на Првостепениот суд при што неспорно ја утврди фактичката состојба како што е наведено во самата одлука на Второстепениот суд.
По одржување на јавната седница судот е должен детално да ги разгледа сите истакнати факти на странките во предметот, мора да ги анализира врз основа на фактите утврдени од страна на првостепениот суд, а потоа да донесе одлука која детално ќе ја образложи. Бидејќи се работи за комплексен предмет од организиран криминал во кој се обвинети повеќе лица за повеќе кривични дела Апелациониот суд имаше потреба од подолго време за целосно утврдување на фактичката состојба по што одлуката ја достави до првостепениот суд и со тоа првостепената пресуда стана правосилна , а Основниот суд Скопје 1 – Скопје е должен да ја извршува.
Од горе наведените причини нејасно е зошто поединци и организации јавно повикуваат на протест пред Апелациониот суд и јавните реакции дека со правосилна судка одлука против лица за кои во рамките на судската власт повеќе степено е утврдено дека се сторители на одредени кривични дела, се ограничува правото на слобода на говор што во конкретниот случај не може да биде точно бидејќи се работи за кривични дела и недозволени дејствија преземени до страна на обвинетите точно и прецизно дефинирани во законите на Р.Македонија, што се должни да ги почитуваат и важат за сите граѓани на Р. Македонија.
Затоа неоснованите реакции и повиците за протест како демократско право, според овој суд, се злоупотребува и неможе да се сфати како ништо друго, освен како обид за своевиден притисок врз судот и судска власт, па токму затоа Апелациониот суд повикува судовите да бидат оставени да работат согласно Уставот и законите на Р.Македонија без никакви притисоци, а за одредено незадоволство од судска одлука да се искористат сите институционални и законски предвидени права.