Советот за етика во медиумите бара итно ослободување на новинарот Кежаровски

Од:

Советот за етика во медиумите на Македонија(СЕММ) денеска ја осуди пресудата на Апелациониот суд за новинарот Томислав Кежаровски и неговото експресно префрлање од домашен притвор во затворот „Скопје“.

„Сметаме дека со ваквата одлука се испраќа порака за самоцензура до сите новинари во државава. Етичките принципи на новинарството можат да се бранат и одржуваат единствено кога на новинарите им е гарантирана слободата на информирање. Покажувањето моќ како во случајот со Кежаровски придонесува кон уривање на демократијата во Македонија. Советот за етика во медиумите на Македонија повикува кон итно ослободување на новинарот Кежаровски од затвор и укинување на судската одлука“, реагираат од СЕММ.

Основниот суд Скопје 1 во четвртокот, оваа недела, ја соопшти одлуката на Апелациониот суд со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затворска казна во случајот „Ликвидација“, во кој Кежаровски беше обвинет дека открил идентитет на заштитен сведок.

Одлуката предзвика жестока реакција меѓу новинарите и новинарските здруженија, која доби на интензитет по експресното спроведување на Кежаровски од домашен притвор во затворот во Шуто Оризари, каде новинарот се наоѓа од петокот вечерта.

Со осудувачки и критички реакции се огласија и интернациналните организации и здруженија на новинари, а случувањата околу затворањето на Кежаровски предизвикаа интерес и осуда кај балканските и светските медиуми.

На сопругата на Кежаровски, како што пренесуваат медиумите, синоќа не и било дозволено да го посети во затворот „Скопје“, со образложени дека изминале само 24 часа од неговот донесување во затворот и посета не е дозволена.

Филип Медарски, адвокат на Кежаровски, изјави дека новинарот е однесен во затвор без да се почитува процедурата.

– Пресудата не беше доставена ниту до мене, ниту до Кежаровски. За да се исполнат условите за тој да биде однесен на издржување на затворската казна, треба да се испочитуваат некои процедури. Тие процедури најмалку траат две до три недели. Од ова сите сме затечени, но во македонските судови не очекувам правдата да ја види светлината на денот. Сепак, Судот за човекови права во Стразбур сигурно ќе потврди дека на Кежаровски му се нарушени човековите права – изјави Медарски за „Мета“.

Медарски, во изјава за телевизијата „Телма“ најави дека ќе побара од судот да го примени институтот условен отпуст, со оглед на тоа што Кежаровски веќе отслужил речиси 90 отсто од казната.

Од Основниот суд Скопје 1, преку соопштение објавено на веб-страницата на судот, наведуваат дека во случајот постапуваат согласно Законот за кривична постапка и ги отфрлаат „неоснованите притисоци кои се вршат врз судовите и целиот судски систем во континуитет во изминатот период.“

„Во конкретниов случај на обвинетиот Томислав Кежаровски му е определена мерка куќен притвор поради опасност од бегство која е потврдена од Апелациониот суд, по донесување на првостепената пресуда, што значи притворот е определен за да се обезбеди истиот за времетраење на жалбената постапка и во случај на потврдувањето на одлуката, да не се осуети издржувањето на казната. Во спротивно, доколку судот сметал дека не постојат основи за лицето да биде задржано во притвор и истото се бранело од слобода, по правосилност на пресудата постапката би се спроведувала согласно Законот за извршување на санкции, при што осудениот би имал можност да ги користи сите законски средства откако ќе му биде доставен упатен акт да бара одлагање од лични, семејни или здравствени причини. Но, секако по престанокот на овие причини, казната би била извршена, со што повторно ги отфрламе сите шпекулации искажани во текот на изминатите денови“, стои во соопштениот на Основниот суд Скопје 1.

Во вторник во 12 часот новинарите и новинарските здруженија закажаа протест пред судот, на кој ќе се бара итно ослободување на новинарот Томислав Кежаровски.

Би можело да ве интересира

На Кежаровски нема да му се суди во „Ликвидација“

Васко Маглешов

Кежо на роденденот повторно на обвинителна клупа за „Ликвидација“

Васко Маглешов

Кежаровски најави нова книга, продолжение на „Живот во кутија“

Ана Ололовска

ФОТО: Домот на Томислав Кежаровски ограбен за новогодишната ноќ

Ана Ололовска

„Живот во кутија“ – прва книга на новинарот Томислав Кежаровски

Ана Ололовска

Кежаровски: Владимир Талески сега не може да избега или да влијае на сведоци?

Емир Латифовиќ