Коалиција СЗПМЗ: Македонските телевизии не известуваат за ЛГБТИ заедницата – таа е жртва на жигосување и потсмев

Од:

Првичните резултати од меѓународното истражување за односот на медиумите кон ЛГБТИ заедницата покажуваат дека во Македонија отсуствуваат ЛГБТИ темите, соопшија денеска од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргиналните заедници

Професорката Јасна Котеска посочи дека само во последниве две години, ЛГБТИ заедницата во Македонија беше изложена дури на шест организирани јавни напади и насилство. Таа потсети дека ниеден од овие напади досега не е процесиран преку Јавното обвинителство на Република Македонија, како дека сите интернационални правни акти од Обединетите Нации до Советот на Европа ја гарантираат рамноправноста на ЛГБТИ лицата во општеството

Во оваа, првична фаза, истражувањето се фокусираше на 1) квантитативна анализа на дневниот печат, 2) квалитативна анализа на новите медиуми, како и 3) базична анализа на централните информативни емисии, од кои во Р. Македонија речиси во целост отсуствуваат ЛГБТИ темите. Имајќи го предвид фактот дека Р. Македонија е пред се’ „телевизиска нација“, овој факт сам по себе зборува за медиумскиот третман на ЛГБТИ темите во нашата држава, рече Котевска

Ирена Цветковиќ од Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ја претстави квантитативната анализа на дневните весници во 2013 и 2014: Дневник, Утрински весник, Нова Македонија, Слободен печат, Вечер, Коха, Вест, Лајм. Според анализата забележлив е негативен тренд, во 2014 наспроти 2013, на застапеност на новинарски написи за Неделата на гордоста како еден од клучните настани на ЛГБТИ заедницата во Македонија
– Во текот на 2013 година во горенаведените печатени медиуми, процентот на објави поврзани со неделата на гордоста изнесува 0.92% од вкупниот број на страници во весниците. Притоа, важно е да нагласиме дека во овој процент влегуваат и сите индиректно поврзани вести и објави кои го градат контекстот и дискурзивната околина на директно поврзаните теми со правата на ЛГБТИ луѓето и неделата на гордоста, со што, процентот кој ги покрива директно поврзаните вести е значително уште помал (максимум до четири текстови). Во 2014 година пак, процентот на објави од вкупниот број на страници изнесува 0.51%, од кои ните еден текст не се однесува директно на Неделата на гордоста или ЛГБТИ правата во Македонија

Присуството на оваа тема во 2013 година е најмногу забележливо во рубриките хроника, заради насилството кое го одбележа отворањето на првата Недела на гордоста. Неделата на гордоста во 2014 година помина без насилство, но истовремено и без никакво медиумско внимание.

Во 2013 година (периодот на истражување) медиумите најчесто говорат на следниве теми: наталитет, многудетни семејства, демографија, абортус. Во 2014 година, во временскиот период пред, за време на и по неделата на гордоста медиумите не ја третираа темата на неделата на гордоста туку: брак, традиционален брак, дефинирање на бракот како заедница единствено меѓу еден маж и една жена.

Славчо Димитров од Коалицијата СЗПМЗ ги претстави првичните парцијални квалитативни наоди и претпоставки од истражувањето, изработени од страна на проф. Д-р Славица Србиновска

-Претставена преку медиумите во Македонија, ЛГБТ субкултурата, врз основа на содржините актуелни во 2013-тата и 2014-тата година, повеќе од јасно е дека стои длабоко на маргините на општествениот живот.

Медиумите, во квантитативна смисла се доминантно и позитивно ориентиранини кон информирање за семејните вредности, а случувањата и активизмот во кругот на ЛГБТ културата која официјално не е прифатена е актуелен преку темите за насилството применувано врз претставници на заедницата или активисти за нејзините права.

Во сегашниот културолошки контекст, процесите поврзани со издигнување на вредностите на националниот идентитет се во фокусот на внимание на медиумите. Со тоа, медиумите го истакнуваат значењето на порастот на населението (наталитетот) и семејните вредности. Тие го тематизираат поттикот кој владата го реализира преку обезбедување бенефити за семејствата со повеќе деца. Во согласност со ова се актуализираат предлог измени на уставот со кои бракот станува уставна категорија. Секаде истата се третира на ниво на закон.

Имајќи на ум дека истополовите заедници/бракови не се легални во Македонија, а со тоа нити посвојувањето на деца значи дека секоја поддршка на оваа субкултура упатува на говорење во прилог на феномени кои стојат наспроти националниот идентитет. Оној кој ги застапува овие процеси стои наспроти нацијата и со тоа експлицитно се одделува од нацијата како аутсајдер.
Со оглед на ова, во ЛГБТ субкултурата обележана како претставник на идеологиите на Западот, припадникот на ЛГБТ од Македонија претставен преку медиумите станува најчесто жртва подложена на жигосување, објект на потсмев и иронија и член на заедница која има мала политичка платформа, минорна политичка поддршка и отсуство на политичка иднина.

Професорката Јасна Котеска на крај ги претстави наодите од првичната компаративна анализа на истражувањето. Котеска посочи дека:
-Веќе прелиминарните резултати од истражувањата на нашиот проект покажуваат дека состојбата со медиумското известување за родовите малцински групи и ЛГБТИ заедниците се всушност израз на заостанатите социолошки и културолошки практики кои се функционализирани и политизирани како дел од најважните општествени прашања во нашиот регион. Тие прашања не се само врзани со статусот и правата на родовите малцински заедници, туку се однесуваат на квалитетот и слободата на сите граѓани во регионот воопшто.

Истражувањето од нашиот проект ги опфати само 2013 и 2014 година, а како централни настани беа избрани парадата на гордоста во Србија и Црна Гора, како и неделата на гордоста во Македонија. Во случаите со Србија и Црна Гора ги анализиравме и печатените таблоидни весници како Курир, Блиц и Информер, но и традиционалните информативни весници и неделници (Политика, Данас, Време и Нин). Без разлика на односот кон спектарот теми и нивната политизација, јасно воочивме дека во сите случаи, како и во повеќето информативни ТВ емисии (РТС, Б92, Студио Б, Пинк), главните теми во српските и црногорските медиуми се однесуваат на следниве теми неколку теми:
1) Безбедноста врзана со организацијата на парадата;
2) Процесите на евро-интеграциите, ставовите на домашните и на странските политичари врзани за одржување на парадата;
3) Описите на инцидентите кои индиректно ја оневозможуваат парадата, штрајковите на полицијата и адвокатите, протестите на црквата и на десничарските организации, предупредувањата за цензурата, изјавите на загрижените граѓани, известувањата за семејните шетања пред и по парадите;
4) Описите на самата парада;
5) Репрезентациите на ЛГБТИ активизмот и изјавите на организаторите на парадата на гордоста;
6) Авторските ставови и колумните.

Електронските и новите медиуми се побрзи од печатените и имаат значајна улога во моблизацијата на граѓаните, на обликувањето на јавниот дискурс. Во Србија и во Црна Гора телевизиите имаат висок степен на униформност во известувањата – ЛГБТИ заедниците се видени во контекст на неред, закана, хаос. Забележани се и следниве тенденции на известување ден пред и за време на парадите на гордоста: – цел настан се сведува на прашање на безбедноста; ЛГБТИ активистите паѓаат во втор план во однос на истата безбедност, а во преден план е „државниот ангажман“; на овие настани им се дава „државничко значење“, то ест настаните се анализирани само во однос на тоа како на нив реагирале шефовите на ЕУ мисиите, амбасадорите, министрите, политичарите, и сл., то ест се сведуваат на тоа како се однесувала државата, а не каква е позицијата на ЛГБТИ заедницата во Србија. Иако во Србија минутажите за ЛГБТИ прилозите се зголемени во 2014, тие се секогаш врзани за безбедносните и полициските прашања, евентуалните насилства, одошто на самата Парада. За разлика од меинстрим медиумите, барем во Србија, ЛГБТИ е-сајтовите, како и е-сајтовите на десничарските и на црковните организации покажуваат дека тие медиумски ги пренесуваат парадите на гордоста во однос на својата идеологија и на своите политички интереси. Сите овие разновидности ќе ги истражиме во следните етапи на нашето компаративно и регионално истражување.

.Финалните заклучоци од истражувањето ќе следат во септември 2015 година а се работи за прво партнерско, регионално и компаративно истражување на претставувањето на родовите и сексуалните малцински групи во Македонија, Србија и Црна Гора “Репрезентацијата на родовите малцински групи во медиумите: Србија, Црна Гора и Македонија“, проект кој е финансиски помогнат од швајцарската агенција за регионално истражување и програмска промоција RRPP (Regional Research Promotion Programme). Проектот е партнерство на три институции, Универзитетот Сингидунум од Белград, Факултетот за драмски уметности од Цетиње, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргиналните заедници од Скопје, како и на десетина индивидуални истражувачи од трите земји. Партнерска институција на проектот е Школата за славистички и источно европски студии од Универзитетскиот Колеџ од Лондон, 20-то рангиран универзитет на Шангајската листа.

Би можело да ве интересира

Условна казна за скопјанец кој нападна припадник на ЛГБТ заедницата

„Парадата на гордоста“ ги преплави белградските улици

Предраг Петровиќ

Светска банка: Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија и Србија

ВИДЕО: Над 2.000 луѓе во Грузија нападнаа ЛГБТ поворка

Предраг Петровиќ

Епископот Јаков со одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Предраг Петровиќ

Костадин Костадинов влезе во војна со ЛГБТ организациите: Струмица излепена со „пречкртано виножито“

A1on