Пред Апелациониот суд, кој му досуди казна затвор на новинарот Томислав Кежаровски од 2 години, новинарите одржаа прес конференција, на која соопштија дека во вторник на истото место во 12 часот ќе се одржи протест.
Новинарите носеа транспаренти на кои пишува „И јас сум Кежаровски“.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече дека ако некој мисли дека пресудата од 2 години за новинарот Кежаровски ќе мине лесно, се излажал.
„Оваа одлука е политичка калкулација со која сака да се каже дека државата не греши никогаш, но и дека новинарите не смеат да си ја вршат својата работа. И еден ден затвор за новинар е многу, а не две години“, рече Селмани.
Во вторник ќе бидат познати и натамошните чекори.
Кежаровски во процесот „Ликвидација“ беше обвинет и осуден за издавање на идентитет на заштитен сведок, кој подоцна призна дека под присила бил натеран лажно да сведочи.
Кежаровски доби 4,5 години затвор во првата пресуда, а по жалбата Апелација повторно одреди затворска казна од 2 години.
Кежаровски беше во притвор, а потоа доби домашен притвор. До издржување на целосната казна, која е правосилна остануваат уште три месеци.
Јавноста, медиумите и меѓународни новинарските организации бараа ослободителна пресуда за новинарот Томислав Кежаровски.
Т.Ц.