Окружниот суд во Љубљана ја потврди првостепената пресуда против поранешниот премиер Антон Роп, според која тој треба да плати парична казна од 10. 000 евра за оддавање на тајна информација на државната разузнавачка служба СОВА, пренесе Танјуг.
Пресудата се однесува за изјавата на Роп од 2007 година на словенечката државна телевизија, во која кажа дека постојат тајни телефонски снимки на разузнавачката служба, со кои се потврдува дека Јанез Јанша, тогашен лидер на опозицијата, и хрватскиот премиер Иво Санадер во 2004 година се „договарале за инциденти во Пиранскиот залив“.
Антон Роп беше премиер на Словенија од 2002 до 2004 година и водеше жестока предизборна кампања против Јанез Јанша, кој подоцна го наследи на премиерската функција.
Пред неколку години Јанша поднесе жалба за клевета за тврдењата на Роп дека ги користел споровите со Хрватска за морската граница во својата предизборна кампања и се договарал со Санадер за евентуални гранични инциденти.
Во процесот Роп им се извини на двајцата и со нив склучи договор, чии детали не беа јавно соопштени.