Охрабрвачки сигнали за пласманот на македонски вина во шведската државна продажна мрежа „Системболагет“. Неодамна лансираното вино со сопствен заштитен знак од ова поднебје, „Втора генерација“, сега го има во директна продажба на рафтовите во специјализираните бутици за алкохолни пијалоци, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
„Втора генерација“, која пред извесно време го одбележа својот 25-годишен јубилеј, е формирана од музичари од македонско потекло, припадници на втората доселничка генерација. Во последните години се здоби со поширока популарност со специфичната обработка на познати балкански ритмови и рефрени.
Веќе при лансирањето на новото македонско вино, кон крајот на ноември лани, беше изразено уверување дека станува збор за производ со силен заштитен знак – „Втора генерација“, кој брзо ќе го најде патот до рафтовите на „Систем болагет“. И тоа како прво вино со географско потекло од Македонија по повеќегодишното, повеќе од деценија и пол, целосно отсуство на македонски вина во редовниот асортиман на шведскиот државен монопол за продажба на алокохолни пијалоци, еден од најсофитицираните во Европа.
Втората половина на 1990-ите години беше најуспешен период за продажба на вина од Македонија во Шведска, кога во „Системболагет“, во редовниот асортиман, подолг период, меѓу другото, беа застапени неколку вина од визбата „Повардарие“ од Неготино.
„Втора генерација“ е вино од визбата „Попова кула“ од Демир Капија – вранец, каберне совињон и пино ноар. Увозник е фирмата „Земја на сонцето/The Land of Sun”. Засега може да се најде во неколку бутици на „Системболагет“ во Стокхолм, Гетеборг и Кунгсбака.