Муслиманите кои нема да се прилагодат на околностите во својата нова татковина, треба да бидат депортирани. Ова во разговор за чешкиот весник „Деник” го изјави чешкиот претседател Милош Земан како одговор на исламистичките напади во Париз.
– Секој треба да живее во својата земја на потекло. Таму треба да ја практикуваат својата религија и да не се обидуваат да го нарушуваат нормалниот живот во земјите со поинаква култура, смета Земан.
На аргументот дека многу од европските муслимани биле родени во Европа, Земан вели дека ,,нивните земји на потекло и натаму се Алжир, Либија, или, ако сакате, Мали, од едноставна причина што има некој вид на генетска зависност.”
На прашањето дали ги повикува лидерите на Франција и другите европски земји да ја депортираат третата генерација на имигранти во нивните татковини, Земан вели:
– Јас би им кажал: Ако не може да ги прифатите правилата на земјата-домаќин, убивањето на новинари не е сигурно примање на правилата, вратете се дома во својата татковина.
Гетата во кои живее муслиманското население според Земан самите си ги создале, бидејќи немале способност да се асимилираат.
Земан го наведува примерот на Виетнамците во Чешка, чии деца зборуваат чешки, студираат, стопанисуваат и се комплетно асимилирани во земјата.