Кубанскиот шпион Герардо Ернандез, кој неодамна беше ослободен од затвор во САД, доби ќерка, само три недели по неговото враќање на Куба.
Американските власти пред повеќе од десетина месеци дозволиле Кубанецот да донира сперма за вештачко оплодување на неговата сопруга во Хавана, додека тој се наоѓаше во затвор на Флорида. Според кубанските медиуми, спермата на Ернандез патувала до Куба, преку Панама.
Герардо Ернандез е еден од кубанската „шпионса петорка“ откриена од американските безбедносни власти во 1998 година. Петмината Кубанци беа обвинети за шпионирање на воените постројки и комуникацијата во јужните делови на САД, како и за шпионирање на кубанските имигранти и дисиденти кои живеат главно во Мајами и на Флорида.
На судењето,сите беа осудени на долгогодишни казни затвор. Ернандез беше осуден на две доживотни затворски казни, но беше ослободен на 17 декември минатата година, заедно со другите двајца Кубанци кои се уште беа во затвор, откако Вашингтон и Хавана се согласија да ги обноват дипломатските односи, прекинати во 1961 година. Тројцата во Хавана беа пречекани како „национални херои“ а Ернандез и од сопругата, која во секој момент требаше да се породи.
Ова е прв случај на „дипломатско зачнување“ на бебе, на двајца родители кои немале физички контакт повеќе од 16 години.
Иницијативата за тоа потекнала од сопругата на Кубанецот, Адријана Перез која побарала од американскиот сенатор Патрик Лехај да помогне таа да стане мајка, иако таткото е затворен во САД без изгледи да биде ослободен на возраст на која тие би можеле да станат родители.
Лехај, кој долго време водеше кампања во Вашингтон за обнова на односите на САД со Куба, тесно соработувал со американската администрација во реализирање на едно вакво необично барања, за кое е проценето дека би можело да има и дипломатски ефекти.
Перез успела да забремени со вештачко оплодување при вториот обид на 44-годишна возраст.
Другите двајца Кубанци од „шпионската петорка“ беа ослободени порано. Едниот во 2011, а другиот во февруари минатата година,откако ги издржаа свооте затворски казни.