Северна Кореја ли сме, или пак се вративме во некои други времиња?
Започна на сите медиуми и продолжува наредните неколку дена по неколку пати. Претпоставувате се работи за новогодишното обраќање на премиерот Никола Груевски.
На 30-ти декември на националниот сервис МРТ одеа неколку прилози на различни теми и ветувања за инвестиции и вработувања, изградба на пруги и патишта, како ветувања на премиерот во обраќањето. Веднаш по дневникот за да добиеме комплетна слика одеше интервјуто интегрално.
Како по калап беа направени и прилозите и на другите телевизии со национална концесија. Препишано го превземаа и дел од порталите. И тие разглобено и опширно ги пренесуваа пораките на премиерот.
И таман кога помисливме дега граѓаните на Р. Македонија го научија напамет обраќањето доколку го вклучите телевизорот на првата програма на МРТ ќе го надополните знаењето и ќе научите она што сте го пропуштиле. Истото се повторува и денеска на другите провладини телевизии помеѓу музичките и филмските програми.
Во исто време новогодишни пораки до граѓаните испратија и претседателот Ѓорге Иванов, спикерот Трајко Вељаноски и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Нив ги чувме дента и толку. Нема потреба од репризи или повторување од нивните пораки. Празниците се до Стара Нова година. Ете слободен мегдан за уште неколку репризи на репризите, додека пораките за еконономски напредок и тоа дека сме први во Европа не “влезат“ во глава.