Над 55.000 припадници на силите на редот (полицајци, жандарми и војници) ќе се грижат за безбедноста на Французите во текот на новогодишните празнувања, јавува дописникот на МИА од Париз.
Нивната бројност за малку е поголема во споредба со лани. На силите на редот треба да им се додадат уште околу 38.000 професионални пожарникари и пожарникари волонтери кои празниците ќе ги поминат во дежурства.
Според министерството за внатрешни работи во Париз ќе има околу 9.000 припадници на силите на редот, со посебно внимание на секторот на Елисејските полиња каде се очекуваат стотици илјади турсти и парижани. Посебно на полноќ, кога на Плоштадот Ѕвезда каде се наоѓа Триумфалната порта е предвиден огномет.
Антитерористичкиот план е се уште на сила на нивото на „постојана претпазливост“, кој е претпоследното ниво пред нивото „предупредување атентат“.
Мобилизацијата на силите на редот ќе биде посебно на патните делници, со зголемена контрола на возачите. Вкупно 3.000 операции се предвидени за овие 48 часа.
Во Стразбур и Алзас е спроведена посебна операција за забрана за употреба на петардите и огнометите, поради неколкуте смртни случаи и тешки телесни повреди забележани последните години.