Италијанското обвинителство стравува дека може да бидат откриени уште тела во остатоците на грчкиот ферибот „Норман атлантик“, кој веќе трети ден се наоѓа во водите на Јадранот, откако на палубата со автомобили избувна пожар при што загинаа десет лица.
Обвинителот на Бари Џузепе Волпе наложил грчкиот ферибот, кој се наоѓа во моментот крај бреговите на Албанија, да биде извлечен со реморкер до јужното италијанско пристаниште Бриндизи, како дел од криминална истрага.
Според него, веројатно во товарните простории ќе бидат откриени уште тела, со оглед на „несоборливите“ докази дека во бродот биле скриени имигранти.
Компании, специјализирани во вадење на потонати бродови, работат на обезбедување јажиња за реморкерот, за да започнат да го извлекуваат фериботот, но тоа е отежнато поради силните ветрови и бранови.
Двајца албански морнари загинаа денеска, кога кабелот со кој биле поврзани два брода во спасувачката мисија, ненадејно пукнал и при тоа ги зафатил луѓето кои биле најблиску и ги притиснал за пропелерот.