Денеска во Битола на 49 годишна возраст, почина македонската ракометна легенда Боро Чурлевски.
Боро Чурлевски, ракометар на РК „Пелистер“ долги години го носеше дресот на македонската ракометна репрезентација со која во 1998 година учествуваше на Европското ракометно првенство во Италија и во 1999 година на Светското ракометно првенство во Египет.
Познат по своите ракометни мајстории, Чурлевски кој настапуваше на позицијата среден бек, во својата ракометна кариера настапи во повеќе клубови во странство, а извесен период беше тренер на ракометните клубови „Килкис“-Грција, „Кастриоти“-Косово, женската ракометна екипа „Патра“ од Грција, а смртта го затекна како шеф на стручниот штаб на РК „Прилеп“ од Прилеп.
Погребот на ракометарот Боро Чурлевски ќе се изврши утре во Битола.