Околу 4,5 милиони американски долари се разлетале по главниот автопат што минува низ Хонг Конг и по најблиската околина, кога комби возилото кое ги превезувало парите, доживеало сообраќајна несреќа.
Ветерот и струењето на воздухот што го прават возилата на фреквентниот автопат предизвикале парите да се разлетаат на сите страни откако се отвориле металните кутиии во кои се превезувале.
Во комбито имало вклупо 525 милиони хонгконшки долари, што е еднакво на 68 милиони американски долари, но од нив се разлетале 35 милиони хонгконшки, односно 4,5 милиони американски долари.
Службениците кои го обезбедувале возилото, како и полицијата која била со нив, успеале да приберат од патот и од околниот парк и грмушките околу 2,5 милиони, но при пребројувањето утврдиле дека недостасуваат безмалку два милиони американски долари.
Полицијата побара од луѓето кои учествувале во „собирањето“ на парите да ги вратат, предупредувајќи дека сите оние кои ќе ги присвојат доларите, ризикуваат да бидат уапсени и обвинети за кражба.
Сударот на комбито, како и разлетувањето на парите предизвикало хаос на автопатот, откако возачите кога виделе што се случило, ги оставала автомобилите на патот и трчајќи по коловозните ленти, собирале пари, ставајќи ги во џебовите или под кошулите.
Никој не бил прегазен, ниту пак дошло до верижен судар, освен што патот подолго време бил блокиран.
Сведоци кои не успеле да се вклучат во „ловот“ по парите тврдат дека оние што ги собирале доларите не би можело да се рече дека се сиромашни, според возилото што го возеле и како биле облечени.
Луѓето посочуваат една „елегантна дама“ која застанала среде патот, мирно и набрзина собрала десетина снопчиња со пари и потоа со својот автомобил си заминала.
Освен барањето да се вратат „грабнатите пари“ полицијата отвори истрага и за самиот инцидент со комбито, настојувајќи да утврди дали несреќета не е случајно „наместена“.