Австралискиот премиер Тони Абот денеска предупреди дека во земјата е забележена „интензивирана комуникација меѓу терористите“, особено по минатонеделната заложничка криза во кафуле во Сиднеј, како и дека е веројатно дека ќе дојде до нов напад.
– На денешниот брифинг на безбедносните служби беше изнесен податокот дека е забележена засилена комуникација меѓу терористите по заложничката криза на сиднејскиот плоштад Мартин, рече Абот по состанокот на австралискиот Комитет за национална безбедност, а пренесоа француските медиуми.
„Не знаеме кога, ниту како тоа ќе се случи, но знаеме дека постојат луѓе кои имаат намера и се способни да извршат нови напади“, предупреди австралискиот премиер.
Три лица, грабнувачот и двајца заложници, беа убиени, додека четири лица беа ранети кога полицијата, по повеќечасовната опсада, упадна во кафулето „Линт“, во центарот на Сиднеј, во кое од раните утрински часови, на 15 декември, беа држани седумнаесет заложници, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс.
Киднаперот Ман Харон Монис (50), со потекло од Иран, имаше „подолго досие полно со насилни дела, беше залуден со екстремизам и ментално нестабилен“, наведе полицијата.
Абот не го зголеми нивото на опасност од тероризам, што во моментов е исклучително високо, но предупреди дека „при овој степен новиот напад е веројатен“.
– На граѓаните им укажувам на фактот дека и натаму има висока опасност од тероризам, како и дека нападот е веројатен. Затоа е важно луѓето да бидат внимателни, но и да бидат уверени дека нашата полиција и безбедносни агенции работат се што е во нивната моќ за ние да бидеме безбедни, истакна Абот.