За 15 дена сите оние кои досега земале некаков хонорар од 9.600 денари на месечно ниво и едвај крпеле крај со крај, ќе земаaт само 6.200 денари. Данокoт ќе се зголеми на 34% од досегашните 10%. А хонорарно ангажираните и понатаму нема да ги користат придобивките на законот за работни односи како (одмор, боледување, К-15…), рече Мила Царовска, претседателка на Kомисијата за труд и социјална политика.
Во многу случаи работодавачите ќе настојуваат да ги спуштат договорите за дело под минималната плата за да ги избегнат дополнителните плаќања за здравствено и пензиско осигурување. На овој начин голем број граѓани не само што ќе останат без пензиско и здравствено осигурување, туку ќе добијат и пониски примања.
Затоа Ставрески не може да ги оправда овие законски измени се додека не најде начин да ги обврзе или стимулира работодавачите да издвојат дополнителни средства за осигурување на ангажираното лице или да ги трансформираат авторските договори во договори од редовен работен однос.
Дополнително, со овие решенија што ги нуди Владата, се обврзува некој кој веќе има стекнато право (преку плаќање на придонесите за платата), како на пример здравствено осигурување, повторно и повторно да плаќа за истото право, без притоа да добие никаква услуга плус. Со оглед на состојбата во јавното здравство, граѓаните во Македонија многу пати ќе треба да платат за здравствената услуга и во приватните болници.
Криминално е решението според кое што сите придонеси за пензиско осигурување од договорите за дело или авторските договори ќе се уплаќаат само во првиот пензиски столб, а не и во двата столба, како што тоа го прават сите вработени од 2003 година.
Ја прашуваме Владата дали навистина мисли да ги ослободи функционерите од плаќање на придонесите на договорите за дело и авторските договори?
Ако е така, тогаш власта треба да ја објасни оваа дискриминација, на пример, зошто некој кој ќе отиде на неколку состаноци во управни одбори на некои претпријатија, како на пример Македонски пошти во којшто членуваат дипломати и универзитетски професори, нема да треба да плати придонеси на хонорарот, додека некој кој работи цел месец под договор за дело за 12.000 или 13.000 денари треба да плати придонеси.
Единствена цел на власта со овие законски измени е да собере повеќе пари од граѓаните за да ја пополни огромната дупка во фондот за ПИОМ што сега изнесува 22.000.000.000 (милјарди) денари или колку платите, придонесите и надоместоците за целата државна и јавна администрација во една година.
А сите ние прашуваме зошто буџетите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравствено осигурување се празни? Каде отидоа нашите пари? Кој одлучи да ги троши на негови приоритети без да ги праша граѓаните?
Полека но сигурно доаѓа времето на плаќање на сметките од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
За нас решението е во прогресивните даноци, па оној кој има повеќе доход да врати повеќе во Буџетот, а оние со најнизок доход да се ослободат од плаќање придонеси.
Бараме власта веднаш да ги тргне рацете од и онака празните џебови на народот. Веднаш!