Палестинската делегација при ОН во текот на денот до Советот за безбедност ќе поднесе предлог-резолуција со која се бара „повлекување на Израел од окупираните територии“ најдоцна до ноември 2016 година.
Советникот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Нимир Хамад, изјави дека резолуцијата ќе биде доставена до Советот за безбедност на ОН и покрај најавите на САД дека ќе стават вето на таков предлог.
Ваквата палестинска најава следи по најновата серија средби меѓу американскиот државен секретар Џон Кери, израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху, палестински претставници и европски министри.
Кери предупреди дека ваква резолуција би им одела во прилог на тврдокорните националистички кругови во Израел во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за во март идната година.
– Многумина од нас сметаат дека ова е итно прашање. Но, исто така сметаме и дека мора внимателно да размислиме за секој чекор во овие тешки моменти за регионот (на Блискиот Исток), потенцира Кери.