Петмината апелациски судии донеле одлука за новинарот Томислав Кежаровски. Таа сега се изготвува и ќе биде доставена до Основниот суд Скопје 1.
Не можеме да соопштиме каква е одлуката додека не биде верифицирана, изјави за БИРН судијата Сафет Кадриу.
Рокот на верификација на пресудата е 60 дена. Кадриу за БИРН вели дека сепак очекува, поради големиот интерес на јавноста за овој предмет, одлуката да се за знае за една недела.
Новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на 4 ипол години затвор во случајот „Ликвидација“. Кежаровски се жалеше на одлуката до апелациските судии.
Апелација, по жалбата може да ја укине казната, поради повреди на постапката да го врати на повторно одлучување, да ја потврди пресудата на првостепениот суд или да донесе нова пресуда.
Тој беше осомничен за дело “неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица”, од закон за заштита на сведоци.
До правосилноста на пресудата Кежаровски е во домашен притвор. Процесот предизвика реакции од меѓународни организации и новинарски здруженија, а се појавува како црна точка во сите извештаи за медиумските слободи во Македонија.
Ослободување на новинарот Кежаровски побараа ОБСЕ, Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари.