По повод 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Царството Јапонија, по настапот во Скопје, уметниците од како што ја нарекуваат земјата на Сонцето, ќе настапат во големата сала на НУ Центар за култура -Битола.
Во пресрет на вечерашниот концерт, директорот на НУ Центар за култура-Битола, Борче Димитровски истакна дека националната опера од Токио по прв пат ќе гостува во Битола, а настанот се доживува како голем, атрактивен и несекојдневен музички спектакл.
– Јапонската опера „Ноќен жерав“ на композиторот Икума Дан, во која ќе настатап солистите Нобуко Такахаши, Мотохару Аојаги, Јуки Такахаши и Шигеки Мине е настан со кој на најдобар можен начин ќе ја заокружиме оваа извонредна и преполна со културни настани 2014 година. Публиката во Битола со нетрпение го очекува настапот на гостите од Јапонија чија опера под диригенство на Мазахико Окочие барана насекаде низ светот, и затоа ја сваќаме како редок музички настан, рече Димитровски.
Операта „Ноќен жерав“ ќе почне во 20 часот, а солистите од Јапонија ќе бидат придружувани од оркестарот на Македонската опера и балет. Пред публиката во Битола ќе настапи и детскиот хор „Пиколо“ при Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.