Брисел бара Албанија да се усогласи со ЕУ во однос на Русија и Украина

Од:

Албанија треба да се усоглси со надворешната и безбедносна политика на Европската унија во однос на Русија и Украина, се наведува во заклучоците на останатите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата, покрај Македонија, што Европскиот совет ќе ги усвои на Самитот идниот петок во Брисел, јави дописникот на МИА од европската престолнина.

Според договорените заклучоци на последниот завчерашен состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во рамки на КОРЕПЕР-групата во Советот на ЕУ, очекувано, како и за Македонија (поради блокадата од Грција), така и за Албанија (многу внатрешни проблеми) нема датум за почеток на пристапните преговори.

Советот го поздравува напредокот постигнат во Албанија, кој довел до доделување на кандидатски статус во јуни 2014 година. Притоа се истакнуваат позитивните чекори преземени во борбата против организираниот криминал, интензивирањето на активностите за спроведување на законот и особено заплената на дрогата и реформата на судството.

Сепак, Советот забележува дека за Албанија има важни предизвици. Во однос на определување на датум за преговори за земјата. Советот нотира дека тоа ќе биде во согласност со воспоставената практика, односно откако Европската комисија ќе оцени дека Албанија го има постигнато потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство.

– Со оглед на мислењето на Комисијата во 2010 година и сеќавајќи се на условите утврдени во заклучоците на Европскиот совет на 11 декември 2012 година и на 24 јуни годинава, Советот потсетува дека Албанија ќе треба да исполни клучни приоритети за да добие отворање на пристапните преговори, се наведува во клучниот заклучок за Албанија.

Советот, исто така, ја повикува Албанија да ги интензивира напорите за реформи и да дејствува решително во продолжување на реформите на јавната администрација, со цел подобрување на својата професионалност и деполитизација, да превземе сеопфатна реформа за судството и да ја зајакне неговата независност, ефикасност и одговорност преку инклузивен процес и во тесна соработка со Венецијанската комисија.

Европскиот совет, според заклучоците, ќе ја повика Албанија и да ги интензивира своите антикорупциски напори и да преземе натамошни решителни чекори во борбата против организираниот криминал, вклучително во однос на одгледувањето на дрога и трговијата со луѓе, со цел да се воспостави солиден учинокот во истрагите, обвиненијата и пресудите во двете области.

Исто така, се инсистира Тирана да превземе ефикасни законски и политички мерки за зајакнување на заштитата на човековите права и политиките на антидискриминација, вклучувајќи и еднаков третман и пристап до правата на сите припадниците на малцинствата, како и за спроведување на правата на сопственост.

– Советот ја повикува Албанија за итно решавање на утврдените недостатоци во однос на слободата на изразување и медиумите, особено за зајакнување на независноста на регулаторното тело за медиуми и на јавниот радиодифузен сервис. Советот, исто така, ги повикува властите да обезбедат одржлива имплементација на реформите што се веќе преземени, да продолжат со економските реформи насочени кон зголемување на конкурентноста, подобрување на бизнис и инвестициската клима, постигнување на фискална консолидација и решавање на високата невработеност и високото ниво на неформалност во економијата, гласи овој дел од заклучокот на ЕС за Албанија.

Во однос на бојкотот на албанската опозиција на Парламентот, Советот, како и во случајот со заклучокот за Македонија, нагласува дека е потребен конструктивен и одржлив дијалог меѓу власта и опозицијата во албанското општество за реформите поврзани со ЕУ и дека е заедничка одговорност на владата и опозицијата да се осигура политичката дебата да се одвива главно во парламентот и да придонесат за создавање на услови за негово правилно функционирање.

Исто така, Советот ја повикува Албанија да продолжи со плановите да се формира Национален совет за евроинтеграции, што ќе ги обедини сите засегнати страни и дека тоа треба да помогне за подобрување на инклузивноста на процесот на реформи. Притоа, Советот ја повикува Комисијата да ја интензивира својата поддршка, следење и оценка на реформскиот процес во Албанија, вклучително и во контекст на Дијалогот на високо ниво за клучните приоритети и преку тесна интеракција со земјите-членки.

По инсистирање на Грција, завршниот заклучок за Албанија е повикот на Европскиот совет за конструктивните ангажман на земјата во регионалната соработка и добрососедските односи, кои остануваат од суштинско значење, како и за усогласеност на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Опозицијата запали собраниски столици пред албанскиот парламент

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1

„Еурактив“: Албанија на 15 октомври ги отвора преговорите со ЕУ по поглавја

Партијата на Македонците бара албанската влада да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“