Македонскиот вицепрвак Вардар синоќа го победи шампионот Металург (26:20) во второто сезонско дерби кое се играше во рамките на регионалната ракометна СЕХА лига. По натпреварот тренерот Раул Гонзалес истакна дека благодарение на доброто отворање и одбраните на Петар Ангелов Вардар успеа да победи.
– Среќни сме поради оваа победа. Во првото полувреме Петар Ангелов беше многу добар на голот, во тој период постигнавме 5-6 гола и тоа беше решавачко за нас. Потоа играчите беа уморни и ги сменив за да ги одморам. Знам дека Металург има ракометари што си заминаа, ние имаме повеќе играчи за да менуваме и тоа се покажа важно за нас, рече Гонзалес.
Најефикасниот на мечот, Стефан Терзиќ кој постигна 10 погодоци истакнува дека и покрај победата, Металург не бил лесен противник.
– Одлично го отворивме мечот со цврста одбрана, а тоа што пропуштивме „Диви“ одбрани. Металург можеби е во таква ситуација како што е, но тие секогаш се опасна екипа. Червар одлично ја постави одбраната и беше незгодно за нас. Не бевме перфектни во ротацијата, но важно е дека победивме и дека сите сме живи и здрави, изјави Терзиќ.