Кризниот штаб на Општина Штип будно ја следи состојбата со водостоите на реките Брегалница и Крива Лакавица. Началникот на Кризниот штаб, Тоше Георгиевски информира дека од утринава жители на Лакавичкиот регион веќе почнале да пријавуваат дека реката Крива Лакавица се излева од своето корито и поплавува локални патишта и мостови, кои населението ги поврзуваат со викенд куќите и со земјоделското земјиште.
– Веќе имаме пријави од страна на граѓаните, а поплавување на неколку пристапни патишта тоа е на местата викани 14-ти километар и на 6-ти километар. Значи овие патишта водат до земјоделските површини и викенд куќите. Исто така пристигнаа пријави и од граѓаните дека има поплавено земјоделски површини. Ако не послужи времето, односно се намалат врнежите нема да дојде до излевање на браната Мантово. Овие поплави односно штетите ќе ги санира Општина Штип, вели Георгиевски.
Тој истакна дека сите надлежни институции веќе се известени за илзевањето на реката Крива Лакавица на одредени места.
– Согласно нивните надлежности да можат да излезат и тие на терен и да ни помогнат во санирањето на овие штети, кои се појавуваат после овие елементарни непогоди, бидејќи општина Штип веќе две години ги санира овие штети на свој сопствен трошок, а при обидот да се исчисти коритото на реката Крива Лакавица бевме спречени, бидејќи требало да почекаме да се направи проект и да се добијат некои дозволи, кои бавно се добиваат. Додека преку проектот за чистење на речните корита количините кои ни беа доставени за нафта беа употребени за чистење на река Брегалница во опфатот на Генералниот урбанистички план, појасни Георгиевски.
Тој додава дека реката Брегалница во моментов е стабилна, а според мерењата нивото на нејзиниот водостој во минор коритото е на максимално ниво.