Социјалната мрежа „Фејсбук“ секојдневно ги бележи најдобрите и најлошите моменти од нашите животи, а изминатата година доминирале неколку теми, од „Ајс бакет челинџ“ до самоубиството на актерот Робин Вилијамс.
„Фејсбук“ денеска објави листа на најпопуларни теми на глобално ниво. Меѓу светските теми за кои најмногу е разговарано се Светското првенство во фудбал и епидемијата на Ебола, додека на трето место се претседателските избори во Бразил.
Околу 48 милиони луѓе на социјалната мрежа имале околу 674 милиони интеракции, објавување статус, фотографија, видео, коментар или лајкување за претседателските избори во Бразил, со тоа што станаа избори за кои најмногу е коментирано во 2014 година.
– Во своето најдобро влијание, социјалните мрежи прават светот да стане глобално село, изјави Шерил Сандберг, еден од шефовите на „Фејсбук“.
Сандберг нагласи дека Светското првенство во фудбал не е само најгледаниот спортски настан, туку и настан за кој е најмногу коментирано оваа година. Над 350 милиони луѓе имале околу три милијарди интеракции за овој турнир.
Од останатите спортски настани што масовно се проследени на Фејсбук се Супер Боул финалето во американски фудбал, што се најде на осмо место со над 50 милиони лица кои коментирале за натпреварот меѓу Сихоукс од Сиетл и Бронкс од Денвер и Зимските олимписки игри во Сочи, кои се најдоа на 10. позиција.
Од 1 јуни до 1 септември корисниците на „Фејсбук“ размениле над 17 милиони виео снимки во рамките на „Ајс бакет челинџ“ кампањата за подигање на свеста и собирање средства за амиотрофична латерална склероза АЛС.
Предизвикот го поддржа и основачот на Мајкрософт Бил Гејтс, а најмногу прегледи, околу 40 милиони имаше снимката од предизвикот на поранешниот американски претседател Џорџ Буш. Од 29 јули до 27 август Здружението за борба против АЛС собра 94 милиони долари.
Епидемијата на Ебола, исто така, е една од горките теми годинава на „Фејсбук“. Компанијата создаде копче за донирање, со помош на кое корисниците можат лесно да испратат пари на разни хуманитарни организации кои се борат против оваа болест.
Социјалната мрежа годинава, исто така, беше место на сериозни дебати за Газа, исчезнувањето на малезискиот авион и убиството на тинејџерот Мајкл Браун во Фергусон.
Сепак, шест од десет најпребарувани поими на „Јаху“ годинава се познати личности, како што се Мајли Сајрус и Ким Кардашијан.