Големите ривали во македонскиот ракомет Металург и Вардар утревечер од 20 часот и 15 минути во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одиграат својот дуел од балканската СЕХА лига. Од таборот на Металург му ја препуштаат фаворитската улога на противникот, но порачуваат дека же се борат до крај за секоја топка.
– Предизвик е секогаш кога се игра против Вардар. Противникот во моментов е во подобра ситуација, а нам ни остануваат да одиграме три натпревари од СЕХА лигата до крајот на годината. Против Вардар утре, во недела со Веспрем и потоа следната среда со Раднички во Крагуевац. Ние се соочуваме со повредени играчи и не знаеме во каков состав ќе настапиме на дуелот кој порано беше најголемо дерби на Балканот, истакна на денешната прес-конференција тренерот на Металург Лино Червар.
За десното крило Гоце Георгиевски ова е уште еден дебри дуел на кој треба да се даде максимумот.
– Секој натпревар со Вардар значи борба, притисок, жар. Тие се фаворити во дуелот со нас, но ние ќе дадеме максимум и ќе се бориме за секоја топка, рече Георгиевски.