По повод Студентскиот марш закажан за 10-ти декември, претседателот на Либералната Партија го упати следниот повик:
„За 10 декември е закажан Студентскиот марш во организација на Студентскиот пленум. Студентите се спротивставуваат на владиното решение за т.н. „екстерно тестирање во високото образование“. Тие имаат легитимна цел и бараат да не се воведе еден непродуктивен механизам на преоценка на нивното високо образование низ брзоплето и нелегитимно менување на законската регулатива. За Либералната Партија ова барање на студентите е оправдано, затоа што сметаме дека доволно се експериментираше во образованието и со учениците, студентите, нивните родители и наставно-научниот кадар.
Затоа, во име на Либералната Партија, го повикувам секој од Вас, Либерал по членство, определба или животна филозофија, родител, слободоумен граѓанин, интелектуалец… кој го споделува овој став, да го поддржи и да се солидаризира со Студентскиот марш. Не сме организатори на оваа активност, но Ве повикувам да ја поддржиме целта на студентите, затоа што не сакаме да профитираме партиски, туку посакуваме нашите деца и внуци да успеат генерациски.
Бидејќи ова не е партиска активност, Ве повикувам нашата солидарност да ја покажеме како што доликува – без партиско експонирање и партиски обележја, без повици на нетолеранција по било каква припадност и со почитување на редот пропишан од организаторот.
Студентската младина не потсетува дека легитимната цел, добронамерната мисла и отворениот ум се мотивирачки фактор за многумина. Почитувани истомисленици, да покажеме дека сме ја научиле лекцијата од нашата генерациска и интелектуална иднина“, се вели во соопштението на Либералната Партија.