Во Воениот музеј – објект НУ Музеј на Македонија денеска во присуство на министерот за одбрана Зоран Јолевски и американскиот амбасадор Пол Волерс, беше отворена изложба „Македонско-американските односи низ историјата“, која претставува прв обид во музејската дејност да се пренесат долговековните врски и пријателства меѓу Македонија и САД.
Со оваа изложба, 20 години по потпишувањето на билатералниот договор меѓу Република Македонија и САД, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски, сакаме да ги истакниме заемните односи и поддршка од институциите и поединците од двете земји во клучните настани од военото минато на Балканот.
Според него, одржувањето на Првото Собрание на АСНОМ и конституирањето на македонската држава даваат посебен белег на севкупните македонско-американски односи во најново време.
– По прогласувањето на независноста и самостојноста на Македонија во 1991 година надворешно политичките активности на МО и АРМ одиграа значајна улога во развојот на односите меѓу двете земји, рече Јолевски.
Меѓу другото, потенцира дека доказ за пријателството и соработката се и заедничките активности во рамки на ИСАФ мисијата во Авганистан, во мисијата во Ирак, како и мисијата „Феникс“, заедно со Националната гарда на Вермонт. Со тоа, според Јолевски, припадниците на армиите на Македонија и на САД отворија нова силна страница во историјата на односите меѓу двете земји.
За амбасадорот Волерс оваа изложба дава шанса да се погледне како низ прозорец во минатото и да се види како се одвивал развојот на билатералните односи.
– Како гледаме во минатото заедно, гледаме енергично и напред, како да ги зајакнеме уште повеќе нашите односи и пријателство. Ние сме горди да ја наречеме Република Македонија наш пријател и сојузник и гледаме напред да видиме како го исполнува својот потенцијал како силна и просперитетна мултиетничка демократија целосно интегрирана во евроатлантската заедница. Се надеваме дека тоа време ќе дојде многу брзо, потецнира Волерс.