Екипите на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром ги добија дерби дуелите против Кожув и Куманово во домашниот кошаркарски шампионат.
На средбите од Првата лига, одиграни попладнево скопските екипи славеа сигурни победи.
Во заостанати натпревари од 6.коло одигран во салата „Парк“ во Скопје, без присуство на публика, Работнички предводен од тандемот Гечевски – Чековски кои заедно постигнаа 61 поени, убедливо го совладаа Кожув со 86:70.
Тодор Гечевски средбата ја заврши со 32, а Ѓорѓи Чековски постигна 29 поени.
Во Куманово, истоимената домашна екипа е поразена од шампионот МЗТ Скопје Аеродром со 70:77 во дуел од 9.коло.
во редовите на победничката екипа, дури петмина кошаркари постигнаа двоцифрен број на поени. Најефикасен беше Цветковиќ со 15, Стојановски постигна 13, а Маринковиќ 12, додека Симоновски и Шеховиќ придодадоа по 10 поени.
Ова беше првиот натпревар од 9.коло во кое утре ќе играат Карпош Соколи и Струмица, а во сабота (6 декември) ќе се одиграат преостанатите две средби, Кожув – Гоце Делчев и Фени Индустри – Работнички.
Табела: Куманово 13 бодови (8 одиграни натпревари), Работнички 12 (7), МЗТ Скопје А. 12 (7), Фени Индустри 12 (7), Карпош Соколи 10 (6), Струмица 10 (7) , Кожув 10 (7), Гоце Делчев 8 (7) и Водњански Лисици 8 (8).