Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска апелираше до опозиција ако поседуваат што било што ним им личи на патна исправа да го достават и МВР да направи анализа, да провери и да се отстранат сите сомнежи.
Ако немаат такво нешто и само манипулираат со јавноста, порача Јанкулоска, тогаш нека си одберат друга тема за сопствена политичка промоција.
Ова беше одговорот на министерката за внатрешни работи на новинарското прашање дали МВР истражува или постапува по однос на објавените информации за наводна изработка на лажни биометриски патни исправи.
Според неа, партиските гласила на опозицијата неколку дена се обидуваат да наметнат тема, но, подвлече, тема не се наметнува само со партиска наредба и желба да се отвор, туку потребно е да понудите барем минимум аргументација која треба да биде логична, што не е случај овој пат.
– Апсурдно е да дебатираме за работи кои немаат никаква ниту стручна, ниту професионална, ниту елементарна логика. Гледам деновивие оти нивното однесување веќе наидува на потсмев кај граѓаните, но ние сме институција и сериозно постапуваме кон секое прашање. Доколку понудат каква било аргументација, подготвени сме да ја истражиме за целосно да се отргнат какви било дилеми, ако некој воопшто ги има. Меѓутоа, од она што можам да го видам во јавноста дилеми нема, изјави Јанкулоска.
За употребната вредност на евентуално можните изработени фалсификувани пасоши, таа истакна дека каков било обид за изработка на нешто што некој мисли дека наликува на патен документ на Република Македонија многу брзо и едноставно сез абележува.
– Фактот што ниту еден од органите кои по службена должност во какви било прилики вршат идентификација, односно проверуваат документи, досега не посочил дека забележале производ што некој мисли дека наликува на патна исправа, зборува дека таков производ воопшто не бил ставен во промет. Значи, се уште не сме виделе нешто што некој мисли дека наликува на пасош, освен тврдењата на партиските гласила на опозицијата дека можеби некаде постоело нешто што можеби личи на патната исправа, ама тие не го виделе, појасни министерката Гордана Јанкулоска по денешната акција „Ден на дрвото“ на булеварот „Киро Глигоров“ во Скопје.