Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе се одржи во знак на чествување на македонскиот поет, академик, член на ДПМ и во еден мандат, негов претседател, Анте Поповски.
Во спомен собата на Поповски, во Центарот за култура на Општина Ѓорче Петров, ќе настапат дваесетина поети, членови на македонската писателска асоцијација, од различни генерации.
Љубителите на поетскиот збор на оваа средба ќе имаат можност да го проследат настапот на Вера Чејковска, Зоран Анчевски, Иван Антоновски, Стојан Тарапуза, Раде Силјан, Иван Џепароски, Веле Смилевски, Ресул Шабани, Драгица Најческа, Илија Велев, Санде Стојчевски, Кочо Топузоски, Љерка Тот Наумова, Братислав Ташковски, Александар Поповски, Јовица Тасевски Етернијан, Иван Чаповски, Методија Тошевски, Димитар Пандев, Ристо Јачев и Тодор Чаловски.
Караванот на Друштвото на писателите на Македонија се организира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија. Во изминатите три месеци караванот престојуваше во Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Велес, Радовиш и Кожле.