Дури две третини или 67 проценти граѓани во истражувањето „Еврометар” за 2014, на прашањето дали слободно го кажуваат своето мислење – одговориле негативно.
Секој дваесетти граѓанин не дал одговор или одбил да одговори.
Колку бил поголем степенот на образование на испитаникот, толку е поголема застапеноста на одговорот дека граѓаните не го кажуваат слободно своето мислење.
Така, 32,6 отсто од испитаниците со завршено основно образование, 52,7% од оние со завршено средно образование и дури две третини (67%) од оние со завршено високо образование сметаат дека „македонските граѓани не го кажуваат слободно своето мислење“.
На оние, пак, кои на ова прашање одговориле со „не“, им било поставено прашање: „Според вас, која е причината за тоа?“.
Повеќе од четири петтини од испитаниците одговориле дека граѓаните „се плашат од последици врз нив и нивното семејство“, а 3,8 отсто се на мислење дека причината е во „жртвувањето на слободното изразување за придобивки“.
Дополнителни 5,1 отсто се изјасниле дека граѓаните не говорат слободно поради тоа што „мислат дека ништо нема да се промени“, додека 3,8% ја поврзале причината за неслободата со фактот што „никогаш не сме ни имале“ култура на јавно говорење.
Истражувачите сакале да ја измерат атмосферата на страв, па испитаниците требало да кажат дали веруваат или не во следниве тврдења:
1. Тајните служби во Македонија ги прислушуваат комуникациите на луѓето кои ги сметаат за противници.
2. Власта во Македонија има податоци затоа како гласал секој граѓанин.
3. Спонтаните протести не постојат, туку секогаш се поттикнати и организирани од центрите на моќ.
Резултатите говорат самите за себе: три четвртини од граѓаните на Македонија сметаат дека „спонтаните протести никогаш не постојат, туку секокаш се поттикнати и организирани од центрите на моќ“, а само 14 проценти не се согласиле со ова тврдење.
Само 20% од граѓаните не веруваат дека „тајните служби ги прислушуваат комуникацииите на луѓето кои ги сметаат за противници“, а 63,6 отсто се согласиле со тоа тврдење.
Повеќе од половина од испитаниците (57,7%) сметале дека „власта во Македонија има начин да дознае како гласаат граѓаните“.
Оваа анкета е направена на репрезентативен примерок од 1194 испитаници и е објавена во рамки на извештајот „Политичката култура, европеизацијата и стравовите во Македонија: извештај од анкетното истражување “Еврометар” за 2014“ од авторите Бојан Маричиќ и Љупчо Петковски. Целиот Извештај видете го тука.