Тројцата основачи на продемократското движење „Окупирајте го центарот“ денеска ќе и се предадат на полицијата и ќе побараат од демонстрантите, кои се уште се на улиците, да си заминат.
– Предавањето не е чин на кукавичлук, туку е храброст да се делува согласно ветувањето. Тоа е тивка јавна осуда на нечувствителната Влада, истакна лидерот на движењето, Бени Таи, кој е професор по право на Универзитетот во Хонг Конг.
Тој ја пофали храброста на лидерите на протестите и упати критики кон полицијата, која ја загубила контролата, додавајќи дека е „време демонстрантите да го напуштат тоа опасно место“.
Изјавата на Таи доаѓа само неколку часа откако студентскиот лидер Џошуа Вонг ги повика приврзаниците на „Окупирајте го центарот“ да се прегрупираат во центарот на градот и да побараат поголема демократија.