Владејачката проевропска коалиција во Молдавија се прогласи денеска за победник на парламентарните избори одржани вчера, откако освои 44 отсто од гласовите, јави ДПА.
Трите партии можат да очекуваат 54 места во 101-члениот Парламент, се наведува во првичните резултати, објавени од Централната изборна комисија.
Лидерот на Либерално-демократската партија Влад Филат, чија формација освои 19 проценти од гласовите, рече дека консултациите со Демократската и со Либералната партија веќе почнале.
Најголем дел од гласовите како самостојна формација ги освои проруската Социјалистичка партија, која бара Молдавија да го поништи договорот за трговија и соработка, потпишан летово со ЕУ, и наместо тоа да се присоедини кон Евроазиската унија.
Социјалистите беа поддржани со 21 отсто од избирачите – двојно повеќе од очекувањата, што ги прави најголема формација во Парламентот со 26 места.
Лидерот на партијата Игор Додон вети да ја задржи цврстата антизападна позиција.