Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром убедливо со 45 поени разлика ја совладаа екипата на Струмица во последниот натпревар од 7.коло на Првата македонска лига.
На средбата одиграна попладнево во малата сала на СЦ „Јане Сандански’’ актуелниот македонски шампион до четвртиот триумф во домашното првенство стигна со победата над Струмица со 98:53.
Во редовите на сино-белите сите кошаркари добија шанса да настапат на овој дуел, а единствено Александар Цветковиќ не успеа да се запише во листата на стрелците. Најефикасен беше Дион Диксон кој покрај 29 поени имаше и 5 асистенции и 6 скокови. Дамјан Стојановски и Иван Маринковиќ постигнаа по 14 поени, а Србинот придодаде и 13 скокови.
Потсетување на постигнатите резултати на останатите натпревари од ова коло, кои беа одиграни во текот на изминатиот викенд: Струмица – Гоце Делчев 72:53, Куманово – Водњански Лисици 80:62 и Карпош Соколи – Работнички 63:83.
Со вечерашната победа МЗТ Скопје се проби на второто место на табелата со еден бод помалку од лидерот Куманово.
Табела по одиграното 7-мо коло: Куманово 11 бодови (6 одиграни натпревари) МЗТ Скопје А. 10 (6), Фени Индустри 10 (6), Карпош Соколи 10 (6), Работнички 8 (5), Кожув 8 (5), Струмица 8 (6), Гоце Делчев 8 (7) и Водњански Лисици 7 (7).