Вооружени припадници на племе денеска го кренаа во воздух главниот нафтовод во земјата, по што е запрен извозот на нафта, соопшти јеменското Министерство за одбрана.
Нафтоводите и гасоводите во Јемен се честа мета на напади главно од припадници на племиња кои се во судир со централната Влада, што предизвикува недостиг на гориво и го намалува профитот на сиромашната земја.
Нападот врз нафтоводот е извршен во провинцијата Мариб и поради тоа е запрена испораката на нафта во извозните терминали на брегот на Црвеното Море.
Преку нафтоводот инаку се транспортираат околу 70.000 барели дневно нафта, но поради денешната саботажа транспортот целосно е прекинат.
Јемен не е значаен производител на нафта на светско ниво, но со продажба на евтини деривати остварува 90 отсто од своите девизни приходи.