Норвешките полицајци, кои обично се без оружје, ќе патролираат вооружени во следните четири недели поради зголемен ризик од терористички напади.
Управата на норвешката полиција соопшти дека униформираните полицајци, кои извршуваат набљудувачки и интервентни задачи, од денеска ќе носат пиштоли. Причина за ваквата мерка е што норвешкото разузнавање проценило дека полицијата и армијата се можни цели на терористички напади. Покрај ова, норвешката армија им порачала на своите припадници да не носат униформи по завршување на работното време.
На 5 ноември внатрешното разузнавање соопшти дека постои можност Норвешка да биде мета на терористички напади во следните 12 месеци, споменувајќи ги нападите кои неодамна беа извршени или осуетени во Канада, Лондон и Австралија.
Норвешките власти стравуваат од враќање на џихадисти во земјата, кои имаат воено искуство од Сирија. Според норвешкото разузнавање, околу 60 Норвежани им се приклучиле на џихадистички организации во Сирија.